Голема трагедија го одбележа маратонот во Њујорк, каде што 24-годишната Рејчел Апа почина откако се струполи во Централ Парк, на само три километри од финишот.
Поранешната универзитетска хокеарка на трева ненадежно колабирала за време на последната делница од трката, околу 13:30 часот. Присутните веднаш притрчале на помош, а двајца лекари од гледачите наизменично се обидувале да ја реанимираат.
Медицинскиот тим брзо пристигнал со дефибрилатор, по што Рејчел била пренесена во Медицинскиот центар „Маунт Синај“. Лекарските екипи се бореле за нејзиниот живот шест часа, но во 21:40 часот била констатирана смрт.
Според нејзиниот татко Стив, причина за смртта била рабдомиолиза – ретка состојба што предизвикува брзо разградување на мускулите и ослободување на штетни супстанции во крвотокот.
Рејчел се подготвувала со месеци за овој маратон, а трката ја посветила на собирање средства за истражување на Паркинсоновата болест, од која во 2022 година починал нејзиниот дедо.
За време на маратонот таа комуницирала со својот татко преку пораки. На 18-та милја му напишала „Ау“, а една милја подоцна пратила „Ау, ау“. На 23-та милја му јавила дека се наоѓа во последната линија, по што повеќе не одговорила.
Нејзината мајка Мишел, која ја чекала на целта, преку апликацијата за следење забележала дека ќерка ѝ застанала на 24-та милја и пристигнала на местото во моментот кога екипите на итна помош ја транспортирале кон болницата.
Организаторите на Њујоршкиот маратон изразија сочувство до семејството и потврдија дека ова е прв смртен случај на трката од 2024 година.

