Општина Ѓорче Петров заклучно со октомври 2026 година оствари реализација на капитални расходи од 193.178.784 денари, што претставува највисок износ во периодот од 2012 до 2026 година. Со овој десетмесечен резултат веќе е надмината целогодишната реализација од сите претходни години.
Според податоците од Општината, во споредба со истиот период лани кога биле реализирани 172.925.236 денари, овогодишната реализација е поголема за 20.253.548 денари, односно за 11,7 проценти. Во однос на 2024 година, кога капиталните расходи изнесувале 79.419.215 денари, остварениот износ е зголемен за 143,2 проценти, односно е 2,43 пати поголем.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека резултатот покажува посветеност кон поставување повисоки цели и претворање на средствата на граѓаните во видливи проекти.
– Нашата одговорност е средствата на граѓаните да ги претвораме во проекти што го подобруваат нивното секојдневие. Реализацијата од над 193 милиони денари уште во октомври покажува дека поставуваме повисоки цели и работиме на нивното исполнување. Благодарност до општинската администрација и до сите кои придонесуваат за овој резултат. Продолжуваме со истата посветеност, затоа што граѓаните очекуваат завршени проекти и видливи резултати – изјавил Стојкоски.
Од Општината најавуваат дека и во преостанатиот дел од годината ќе продолжат со реализација на капиталните проекти, со особен фокус на подобрување на инфраструктурата и одговорно управување со јавните средства.

