Околу 20 милиони трансакции биле реализирани преку платформата за интероперабилност во октомври, што го прави овој месец најуспешен досега според обемот на користење. Ова го соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој посочи дека значително е зголемен и бројот на граѓани што ги користат електронските услуги.
Според Андоновски, во просек дневно се реализираат околу 650.000 трансакции, наспроти приближно 700.000 на месечно ниво во текот на 2024 година. Тој нагласи дека растот се забележува и кај користењето на националниот портал за услуги, преку кој само во октомври услугите ги искористиле околу 300.000 граѓани.
Министерот најави дека во текот на оваа недела се очекува да биде достапна и втората верзија на апликацијата, со дополнителни функционалности и подобрувања.
Како што информираше, досега повеќе од 30.000 граѓани ја презеле и ја користат апликацијата, а очекува нејзината употреба дополнително да се зголемува со воведувањето нови електронски услуги.
Андоновски ова го соопшти пред почетокот на деветтата Регионална конференција за е-трговија во Скопје.
Осврнувајќи се на неодамнешната посета на Бон, каде што беше заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот рече дека значаен дел од разговорите биле посветени на дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста.
Тој посочи дека за време на посетата се запознале со искуствата на Македонски Телеком, особено со работата на нивниот центар за сајбер-безбедност, кој обезбедува услуги за компании и клиенти во Европа и во светот.
Според Андоновски, Владата работи на создавање услови за привлекување вакви инвестиции во земјава, како и за развој на домашни компании во областа на сајбер-безбедноста.
Целта, како што нагласи, е да им се помогне и на малите и средните претпријатија да ги унапредат своите дигитални капацитети и да обезбедат поголема заштита од сајбер-закани.

