ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ и лидерот на партијата Венко Филипче за двојни стандарди во односот кон банкарскиот сектор, посочувајќи дека денешните критики за состојбите со Алта банка се во спротивност со нивното однесување во времето кога пропадна Еуростандард банка.
Од владејачката партија прашуваат каде биле Филипче и СДСМ кога штедачите на Еуростандард банка ги загубиле своите средства и зошто тогаш, како што наведуваат, не покажувале иста загриженост за граѓаните.
Во партиското соопштение се потсетуваат и сомнежите и прашањата поврзани со кредитирањето на компании блиски до СДСМ и Зоран Заев, како и со повлекувањето на средствата од банката од страна на тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска, непосредно пред нејзиното затворање.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Ангеловска повлекла 250 илјади евра неколку дена пред пропаѓањето на банката, а ги проблематизира и одлуките на тогашните институции во постапката за одземање на дозволата за работа.
Од партијата оценуваат дека банкарскиот систем не треба да биде предмет на политички пресметки и манипулации, но истовремено ја обвинуваат опозицијата за лицемерен однос кон актуелните случувања.
„Двојните аршини на СДС нема да поминат“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

