Врнежливо и облачно време нè очекува во текот на денешниот ден, а ваквите временски услови ќе продолжат и утре. На повеќе места се очекуваат повремени дождовни врнежи, кои локално ќе бидат поинтензивни.
Температурите денеска ќе се движат од 6 до 11 степени во утринските часови, додека дневните максимални ќе достигнат од 12 до 17 степени. Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремен дожд, минимална температура од 7 и максимална до 16 степени. Ќе дува слаб северен ветер.
Според прогнозата на УХМР, дождот ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, кога на одредени места се очекуваат и пообилни врнежи, со над 20 литри на квадратен метар.
Постепена промена на времето се најавува од среда. Следните денови ќе донесат постабилни и суви временски услови, со повремена облачност која постепено ќе се намалува кон крајот на неделата. Ветерот ќе биде претежно од северен правец, а поизразен ќе биде во Повардарието.

