Поплавени соби, вода што протекува од плафоните и силна бучава од системот за греење ги вознемириле студентите во домот „Стив Наумов“ во Скопје во текот на изминатата ноќ.
За состојбата реагираше студентската платформа „Студентарија“, која објави видеа доставени од студентите. На една од снимките се гледа како вода се разлева низ соба, меѓу креветите и шкафовите.
„Станува збор за студентски дом, кој оваа академска година повторно прими студенти по обемна реконструкција, поради што ваквите проблеми дополнително отвораат прашања за квалитетот на изведените работи и за тоа дали сите недостатоци биле отстранети пред вселувањето на студентите“, посочија од „Студентарија“ преку Инстаграм.
Проблемите доаѓаат само неколку недели по повторното вселување на студентите во реновираниот дом. Министерството за образование и наука претходно потврди дека имало одредени „инциденти“, меѓу кои откорнат радијатор, активирање на алармниот систем и паркирање автомобили на зелените површини во дворот.
Новите снимки повторно го отвораат прашањето за состојбата на објектот и квалитетот на реконструкцијата.

