Пентагон зад затворени врати подготвува предлог за одбранбен буџет на САД кој е значително помал од рекордните 1,5 трилиони долари што ги побара претседателот Доналд Трамп. Иако администрацијата јавно инсистира на максималната сума, воените функционери и конгресните комисии веќе разработуваат план вреден околу 1,1 трилион долари, објави политичкиот портал „Политико“, повикувајќи се на извори упатени во разговорите.
Разликата меѓу јавното барање и реалните подготовки изнесува дури 400 милијарди долари. Според упатените, Пентагон сè уште не може јавно да признае дека се подготвува за понизок буџет, но веќе сериозно се прават планови за намалено финансирање бидејќи тоа сценарио се смета за многу поверојатно.
„Никој од нив не очекува нешто ни приближно до износот од 1,5 трилиони долари“, изјави поранешен функционер запознаен со разговорите.
Претседателот Трамп побара историско зголемување на воените расходи за финансирање амбициозни проекти, меѓу кои новиот систем за противракетна одбрана „Златна купола“ и изградбата на нови воени бродови. Неговиот план предвидува 1,15 трилиони преку редовна постапка и дополнителни 350 милијарди преку посебна постапка за заобиколување на демократите во Сенатот. Сепак, републиканците сè уште немаат договор, а „Вашингтон пост“ пренесува дека преговорите се во застој и поради несогласувањата околу војната со Иран.
Буџетските предизвици доаѓаат во време кога американската војска се соочува со огромни трошоци. Според податоците на Пентагон, војната со Иран заклучно со 16 октомври ги чинела американските даночни обврзници околу 47,1 милијарда долари – од кои 29 милијарди се за потрошена муниција, речиси 12 милијарди за воени операции и околу шест милијарди за изгубена опрема.
Евентуалниот помал буџет би можел сериозно да го забави обновувањето на воените резерви и реализацијата на клучните проекти, додека администрацијата продолжува јавно да го застапува првичниот амбициозен план.

