Контејнерски брод што превезувал опасни материјали потонал по напад со поморски дронови во близина на бугарскиот брег..
Станува збор за бродот „Контшип Џет“, кој пловел под либериско знаме и бил управуван од грчка компанија. Бродот бил погоден од три поморски дронови додека се движел кон романското пристаниште Констанца. На него имало 421 контејнер, во кои меѓу другото имало литиум-јонски батерии, како и запаливи и корозивни супстанции.
Сите 18 членови на екипажот — 14 државјани на Филипини и четворица Украинци — биле спасени и безбедно префрлени во пристаништето во Варна.
Бугарските власти информираа дека при првичните проверки на теренот не биле забележани видливи траги од загадување на морската вода.
Официјално Москва изнесе тврдења дека бродот превезувал воена опрема наменета за Украина, но засега нема независна потврда за ваквите наводи.
Сè уште не е официјално утврдено кој стои зад нападот, кој дополнително ја зголеми загриженоста за безбедноста на трговската пловидба во регионот на Црното Море.

