Бројот на загинати во судирот на два брзи возови во близина на Урда, во шпанската покраина Толедо, се искачи на 74, соопшти Комисијата за истрага на железнички несреќи (CIAF), додека спасувачките екипи продолжуваат со интервенциите на теренот.
Прелиминарните наоди укажуваат дека технички дефект на системот LZB, проследен со низа човечки грешки, довел до оваа тешка несреќа, објавува шпанскиот портал El Diario.
Проблемите започнале во средата околу 8:30 часот наутро, кога софтверски дефект предизвикал прекин на системот за контрола на сообраќајот LZB. И покрај тоа, контролниот центар му наредил на машиновозачот на возот „Ренфе АВЕ“ да продолжи со нормална брзина, спротивно на безбедносните протоколи кои во вакви услови бараат прилагодена брзина од најмногу 40 километри на час.
Слични инструкции добил и возот „Ирјо“, но подоцна, во 8:48 часот, екипата го известила контролниот центар дека нивното возило е запрено на пругата и не може да продолжи. Во тој момент, според достапните информации, на пругата не бил забележан друг воз што се движи со голема брзина.
Кога системот LZB не работи, сообраќајот се префрла на класична сигнализација, додека системот за автоматско сопирање АСФА обезбедува дополнителна заштита. Во тие околности, прописите налагаат машиновозачот да ја прилагоди брзината за навремено да го запре возот пред евентуална пречка. Истрагата продолжува да ги утврдува сите детали за пропустите во системот и контролата.

