Дваесет и двегодишен италијански државјанин е уапсен денеска во Сан Џулијано Миланезе, во близина на Милано, под сомнение за обука за терористички активности и планирање напади врз еврејска синагога и џамија.
Припадници на специјалната единица ROS на карабињерите го уапсија младиот човек врз основа на налог за притвор издаден од истражниот судија на судот во Милано, на барање на локалното обвинителство, по обемна истрага што вклучуваше анализа на неговите електронски уреди.
Според истражителите, на дигиталните уреди биле пронајдени докази кои укажуваат дека осомничениот детално планирал производство на експлозивни направи, модификација на огнено оружје и самостојно се обучувал за терористички дејствија.
Покрај тоа, утврдено е дека тој набавувал хемиски супстанции погодни за изработка на експлозив и дистрибуирал пропагандни материјали со супремацистички, ксенофобични и антисемитски пораки, вклучително и содржини со кои се негира Холокаустот.
Меѓу запленетата документација и записи биле пронајдени и текстови поврзани со Андерс Брејвик, сторителот на терористичките напади во Норвешка во 2011 година, во кои загинаа 77 лица.
Истрагата за случајот ја води Обвинителството во Милано.

