Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против А.К., сопственик и управител на правно лице од Валандово, против неговата фирма, како и против управител на друго правно лице од Дојран, поради сомнение за намерно предизвикување стечај со цел избегнување обврски кон доверителите. Случајот се поврзува со Атанас Костов, зетот на поранешниот премиер Зоран Заев, и спорот за наплата на побарување од австриската компанија „АММА“, која преку арбитражна пресуда во Виена се обидува да наплати близу пет милиони евра.
Според истрагата, Костов во периодот од 2020 до 2023 година презел противправни дејствија за да ја оневозможи наплатата на долговите кон повеќе правни субјекти, меѓу кои најголемиот износ се однесувал на странски субјект и на Управата за јавни приходи.
-Според прибраните докази постојат основи на сомнение дека првопријавениот А.К. во својство на сопственик и управител, како и овластен потписник на сметките на правниот субјект, во период од 2020 до 2023 година, со цел и со однапред утврдена намера да избегне плаќање на финансиски обврски кон повеќе правни субјекти, а во најголем дел кон странски правен субјект во износ од 289.617.022 денари и Управата за јавни приходи за износ од 883.283 денари, презел противправни дејствија насочени кон намерно доведување на правниот субјект во привидна финансиска немоќ и со тоа да ја оневозможи наплатата на долговите од страна на доверителите, се наведува во соопштението.
Од Финансиската полиција појаснуваат дека биле склучувани фиктивни договори за закуп со друга компанија со цел генерирање милионски пенали и оптоварување на имотот, а потоа со помош на трето лице биле префрлени средства и поднесен предлог за стечај.
Спорните деловни односи меѓу валандовската компанија и австрискиот партнер потекнуваат од деловен спор за извоз на корнишони, по што сопствениците отвориле нови фирми поврзани со сопругата на Костов, Емилија Заева-Костова, прва братучетка на експремиерот Заев. Случајот претходно предизвика и јавни реакции од поранешниот австриски амбасадор Георг Вуцас, додека Заев најави тужби и се огради од спорот.
Надлежните институции продолжуваат со постапките за утврдување на целокупната одговорност, а кривичната пријава сама по себе не претставува утврдена судска вина.

