Во буџетот недостигаат 900 милиони евра, а дополнителна милијарда евра недостасува за исплата на пензиите, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Според него, вториот ребаланс на буџетот е доказ за лошото управување со јавните финансии од страна на Владата на Христијан Мицкоски.
Филипче предупреди дека се отвора прашањето од кои извори ќе се обезбедуваат средства за исплата на платите и пензиите во наредниот период.
Лидерот на опозициската партија оцени дека со ребалансот не се обезбедуваат повисоки плати и подобар животен стандард, туку се кратат капиталните инвестиции и се создава простор за ново задолжување.
Според неговите показатели, со јулскиот ребаланс буџетскиот дефицит бил зголемен за околу седум милијарди денари со образложение дека средствата ќе бидат наменети за капитални инвестиции, додека сега инвестициите се намалуваат, а зголемениот дефицит останува.
Филипче посочи и дека Владата ја намалува проекцијата на приходите за 5,3 милијарди денари, односно од 379,5 на околу 374 милијарди денари.
Тој изнесе предупредување дека јавниот долг, заедно со долговите на јавните претпријатија, би можел да достигне 12 милијарди евра.
Според неговите тврдења, за две и пол години вкупниот долг на државата се зголемил од осум на речиси 12 милијарди евра, без граѓаните да почувствуваат значително подобрување на животниот стандард.
На крајот, Филипче најави дека СДСМ ќе поднесе амандмани за зголемување на минималната плата, повеќе средства за младите, повисок студентски оброк и поголема поддршка за земјоделците, повикувајќи ја власта да ги поддржи предложените мерки.

