Недостиг од речиси осум тони сув цвет од медицински канабис е утврден при контрола во фирма за одгледување медицински канабис во селото Борисово, во општина Ново Село. По случајот, кривични пријави се поднесени против правното лице и неговиот управител.
Од СВР Струмица информираат дека при контролата, спроведена заедно со претставници на надлежната комисија при Министерството за здравство, биле констатирани неправилности во документацијата за ангажираниот кадар, како и недостиг на друга задолжителна документација.
Дополнително, во просториите каде што бил складиран сувиот цвет од медицински канабис бил утврден недостиг од 7.813,49 килограми, за кои фирмата немала соодветна документација со која би ја оправдала количината.
Кривичните пријави се поднесени против правното лице од Борисово и неговиот управител В.К., кој живее во Струмица. Тие се товарат за кривични дела според член 95-в, ставовите 1 и 2 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.
Надлежните продолжуваат со постапката за целосно документирање на случајот.

