Во Белград синоќа е извршен терористички напад врз припадник на жандармеријата кој ја обезбедувал израелската амбасада, по што е наредено подигнување на нивото на безбедносна закана на највисоко ниво и зголемување на полициското присуство на клучните локации, изјави вицепремиерот и министер за внатрешни работи во технички мандат, Ивица Дачиќ.
Инцидентот се случил 15 минути по полноќ кога непознато малолетно лице насрнало врз полицискиот службеник.
Малолетник, чиј идентитет сè уште не е утврден, за кој постои основано сомнение дека е од Шабац, извикал „Алаху акбар“ и нападнал припадник на жандармеријата и го нападнал со два ножа, рече Дачиќ, соопшти утрово Министерството за внатрешни работи (МВР).
Припадникот на Жандармеријата реагирал во самоодбрана и го неутрализирал напаѓачот.
Истрагата е во тек и сите детали ќе бидат познати во текот на ноќта. Со оглед на тоа што терористичкиот напад се случи на наша територија, како министер за внатрешни работи одговорен за ова, го подигнав нивото на закана од тероризам на највисоко можно ниво, имено на црвено ниво, објасни Дачиќ.
Тој појасни дека прогласувањето на ова ниво подразбира зголемени контроли и присуство на полициски сили на сите значајни инфраструктурни објекти и на места каде што се бележи поголема фреквенција на граѓани.
Би сакал уште еднаш да повторам дека во терористичкиот напад што се случи синоќа, припадник на жандармеријата кој ја обезбедуваше израелската амбасада и кој го уби напаѓачот беше полесно повреден. Иако неговиот идентитет сè уште не е утврден, нашата служба го следеше и се знае дека бил поддржувач на Исламска држава. На својот Инстаграм профил, тој држеше црно знаме и симболот на Исламска држава, рече Дачиќ.
Поврдениот полицаец бил посетен во болница од страна на министерот и директорот на полицијата, генерал Драган Васиљевиќ. Тој се наоѓа во добра здравствена состојба и се очекува денеска да биде пуштен на домашно лекување, додека надлежните служби продолжуваат со истрагата за целиот случај.

