Македонија продолжува со развојот на гасоводната мрежа преку изградба на интерконекторот со Грција, подготовка на проектот за поврзување со Србија и технички активности за ставање во функција на дел од домашните гасоводи, информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Најголемиот дел од градежните работи во моментов се одвиваат на гасоводот кон Грција, кој на македонска територија треба да биде долг 68 километри. Според податоците од 19 октомври, досега се испорачани 64 километри цевки, заварени се 43 километри, а 18 километри се поставени во ров. Експропријацијата на земјиштето е реализирана во 97 проценти.
Договорот за изградба на овој интерконектор е склучен на 7 мај 2025 година, а завршувањето на проектот е планирано за средината на 2027 година. Финансирањето е обезбедено преку инвестициски грант и заеми од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
Паралелно се подготвува и гасоводното поврзување со Србија. Предвидената траса на македонска територија е долга 23 километри, а по склучувањето на договорот на 27 август 2026 година започнале активностите за утврдување на трасата и изработка на проектната документација. Финансирањето е предвидено од сопствени средства на НОМАГАС.
Покрај новите интерконектори, се работи и на подготовка за употреба на домашните гасоводни делници Клечовце–Неготино и Неготино–Битола. Активностите вклучуваат сервисирање, проверка на техничката исправност и сушење на цевководите. Потоа, истите постапки треба да продолжат и на делницата Скопје–Тетово–Гостивар.
Трите домашни делници имаат вкупна должина од 277 километри, а нивното ставање во функција зависи од завршувањето на потребните технички проверки и исполнувањето на безбедносните услови.
Од Министерството посочуваат дека проектите се наоѓаат во различни фази на реализација, од градежни работи до проектирање и техничка подготовка, со цел да се подобри сигурноста на снабдувањето со природен гас и да се овозможи пристап до повеќе извори.
Во однос на критиките од СДСМ и Левица поврзани со ребалансот на Буџетот, Министерството тврди дека измените во потпрограмата „Гасификација“ не значат откажување од изградбата на гасоводната инфраструктура.
Како што наведуваат од Министерството, средствата за кои претходно било дадено образложение биле наменети за набавка и складирање природен гас за стратешки резерви. За реализација на таквата набавка, покрај обезбедувањето гас и складиштен простор, потребен е и соодветен транспортен капацитет до земјава. Ограничената достапност на прекуграничните капацитети кон Бугарија влијаела врз можноста набавката да се спроведе според првично планираната динамика.
Од Министерството нагласуваат дека изградбата на гасоводите и обезбедувањето стратешки резерви се различни процеси, кои зависат од одделни финансиски, технички и логистички услови.
Според институцијата, напредокот на интерконекторот со Грција, подготовката на врската со Србија и оспособувањето на домашните делници се клучните активности за понатамошен развој на гасната инфраструктура и поголема сигурност во снабдувањето.

