Венко Филипче излажа дека поседува автомобил од 6.000 евра или директно призна дека поседува дополнително моторно возило кое не го пријавил во анкетниот лист, обвини денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Од владејачката партија побараа соодветна реакција од надлежните органи за овој случај.
„Патолошкиот лажго Филипче денес лаже за свој автомобил, утре ќе ги лаже граѓаните за посериозни дејанија. Филипче излажа дека поседува автомобил од 6.000 евра, или директно призна дека поседува уште едно моторно возило, но не му е пријавено во анкетниот лист. За овој потег, очекуваме истрага на надлежните институции“, изјави Манасиевски.
Тој упати критики до лидерот на опозицијата за неговите претходни јавни настапи и изјави.
„Почитувани граѓани, Венко Филипче е патолошки лажго и лаже дури и за најмали ситници. Ги лаже граѓаните денес во опозиција, исто како што ги лажеше додека беше на власт. Филипче е човек на кој не може да му се верува. Тој е истиот оној кој свесно создаваше хистерија и паника за водата во Гостивар и во Скопје, лажеше дека секој момент ќе банкротираме, лажеше дека тој ќе изгради Клинички центар, лажеше дека ќе го добиеме датумот за ЕУ и се сликаше со него, и што ли уште не излажа“, рече партискиот портпарол.
Манасиевски заклучи дека опозицискиот лидер го губи доверието кај јавноста и во сопствените редови.
„Филипче работи врз база на тоа дека ако повтори една лага сто пати, таа магично ќе стане вистина. Затоа и дури и во своите редови не му веруваат. Но не му веруваат ниту граѓаните“, додаде Манасиевски.

