Македонија вложува меѓу 5 и 6 милијарди евра во инфраструктурни проекти поврзани со Коридорите 8 и 10, со цел да ја искористи својата географска положба и да ја зајакне улогата како важна транзитна рута во регионот. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за регионалната мрежа ЕРНО.
Според Николоски, фактот што двата паневропски коридори се вкрстуваат во земјава претставува значајна можност за развој на транспортната инфраструктура и за подобро поврзување со соседните држави.
Коридорот 8 ја поврзува земјава во правец исток–запад, додека Коридорот 10 обезбедува поврзување во правец север–југ. Николоски посочи дека инвестициите во овие транспортни правци се значајни во однос на големината на домашната економија.
Тој додаде дека инфраструктурните активности добиваат поддршка и признание од Европската комисија, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, како и од други меѓународни партнери.
Според него, развојот на двата коридори е важен за зголемување на конкурентноста на земјата и за нејзиното позиционирање на регионалните транспортни правци.

