Изградба на пешачко-велосипедска патека во должина од 180 километри низ цела Преспа, подобрени комунални услуги и реконструкција на патишта и улици се дел од проектите реализирани во првата година од вториот мандат на градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски.
Тозиевски на денешната прес-конференција направи осврт на сработеното во изминатиот едногодишен период, истакнувајќи дека фокусот на локалната самоуправа останал насочен кон инфраструктурата, водоснабдувањето, заштитата на животната средина и туризмот.
Во делот на инфраструктурата, реализирани се реконструкцијата на патниот правец од Мостот на Голема Река до депонијата, хидротехнички истражувања во село Штрбово, изведба на примарна водоводна мрежа на улицата „Наум Веслиевски“, како и на улиците „11-ти Септември“ и „Бигла“.
Исто така, изградена е атмосферска канализација на дел од улицата „Борис Кидрич“, изведени се примарни фекални канализациони системи во Долно Дупени, Крани, Стење и Брајчино, а во тек е и изградбата на пречистителни станици за истите населени места.
Градоначалникот информираше дека се обезбедени проектни документации за реконструкција на водоводната и канализациската мрежа на повеќе улици во градот, како и за изградба на пешачка патека на крајбрежните простори на Преспанското Езеро каOfficial Претор.Во моментот се одвиваат градежни работи на улиците „Иво Лола Рибар“, „7-ма Македонска ударна бригада“ и „Никола Карев“.
За потребите на јавното комунално претпријатие, во соработка со Министерството за животна средина набавени се два камиони за собирање отпад, еден камион-кипер и мини багер, додека во соработка со мисијата „Флоријан“ е обезбедено и противпожарно возило.
Во областа на туризмот и социјалната политика, Тозиевски го издвои почетокот на изградбата на пешачко-велосипедската патека финансирана со поддршка од Европската Унија, како и зачувувањето на традиционалните манифестации во Преспа.
„Вториот мандат за мене, пред се, претставува продолжување на обврската за одговорно управување со општината, подобрување на условите за живот на граѓаните и создавање можности за економски и инфраструктурен развој“, изјави Тозиевски.
Тој додаде дека општината обезбедува финансиска поддршка за секое запишано прваче, средношколец во прва година, за секое првородено дете, како и за социјално ранливите категории и старите лица.
„Вистинскиот успех на секоја локална власт се мери преку конкретните резултати, задоволството на граѓаните и промените што ги чувствуваат во секојдневниот живот. Ресен и Преспа заслужуваат континуиран развој, одговорно управување и посветена работа во интерес на сите граѓани“, заклучи градоначалникот на Ресен.

