Правната битка меѓу холивудската актерка Хали Бери и нејзиниот поранешен сопруг, Оливие Мартинез, доби нов пресврт. Нивниот 13-годишен син, Масео, сведочеше речиси четири часа за време на судско рочиште во Лос Анџелес, во рамки на постапката за барањето на Мартинез за забрана за приближување на актерката, поради наводи за семејно насилство, пренесува „Page Six“.
Бери пристигнала во Вишиот суд придружувана од својот свршеник, Ван Хант, додека Мартинез дошол заедно со нивниот син. Според сведоци, атмосферата во судницата била напната, а поранешните сопружници наводно разменувале студени погледи.
Судијката Шели Кауфман го повикала Масео да сведочи, но претходно наредила судницата да биде испразнета за да се заштити приватноста на малолетникот. За време на паузата за ручек, момчето било забележано како разговара со татка си, додека со мајка си не остварило контакт во зградата на судот.
По речиси четиричасовното сведочење на синот, 60-годишната актерка се вратила во судницата со очи полни со солзи.
Адвокатот на Мартинез, Патрик Багдасеријанс, во изјава за „Page Six“ го пофалил својот клиент како родител.
„Оливие е прекрасен татко полн со љубов. Тој е многу грижлив и сака само најдобро за својот син“, изјавил адвокатот.
На 1 октомври била издадена привремена забрана за приближување против Бери, откако Мартинез тврдел дека актерката го нападнала нивниот син на 26 септември. Францускиот актер навел дека таа го давела Масео за време на расправија околу очила за виртуелна реалност.
Во судските документи, Мартинез тврдел и дека Бери го нарекла нивниот син „толкав идиот“, наведувајќи дека во изминатата година и пол имало повеќе случаи на наводно злоставување.
„Таа го фати Масео за врат и почна да го дави, викајќи: „Кој е сега доминантен?! Кој е доминантен?!““, се наведува во неговиот исказ.
По овие обвинувања, Мартинез побарал целосно законско и физичко старателство над синот, а судијата вовел привремени ограничувања во контактите на актерката со момчето.
Бери преку својот адвокат категорично ги отфрлила обвинувањата, оценувајќи ги како „целосно неосновани и намерно обманувачки“. Таа побарала судот да го одбие барањето на поранешниот сопруг, да ги укине привремените ограничувања и да го врати претходниот договор за заедничко старателство.
Актерката, исто така, го обвинила Мартинез дека намерно го продлабочува конфликтот, дека се меша во образовните и терапевтските потреби на Масео и дека се обидува да го сврти синот против неа.
Во судската постапка треба да сведочат и двајцата поранешни сопружници. Како потенцијална сведок е наведена и 18-годишната ќерка на Бери, Нала Обри, која актерката ја има со манекенот Габриел Обри. Доколку биде повикана да сведочи, тоа ќе го направи по електронски пат, бидејќи моментално посетува настава.
Во судската изјава до која дошол „Page Six“, Нала застанала во одбрана на мајка си, наведувајќи дека е „шокирана“ од обвинувањата. Таа истакнала дека никогаш не видела Бери физички да го малтретира својот помлад брат.
„Никогаш не сум видела мама да става раце околу вратот на Масео, да го дави, да му го попречува дишењето или да прави било што што дури и оддалеку би наликувало на обвинувањата изнесени против неа“, напишала Нала.
Меѓу другите потенцијални сведоци се свршеникот на актерката, Ван Хант, како и вработени во училиштето на Масео и неговите терапевти.
Адвокатот на Бери, исто така, посочил дека сомнежите во веродостојноста на исказите на малолетникот се една од причините за повикување на одредени сведоци.
Иако актерката се спротивставила на сведочењето на синот, судијката одлучила дека тој може да даде исказ. Судската расправа продолжува денеска.
Бери и Мартинез се разделиле во 2015 година, а официјално се развеле во август 2023 година.

