Учениците од прво, второ, четврто и петто одделение ќе добијат нови учебници од учебната 2027/2028 година, откако Министерството за образование и наука најави повлекување на 33 учебници што моментално се користат во овие одделенија.
Од МОН информираат дека станува збор за учебници кои се во петтата година од нивната употреба и за кои е потребно подобрување на квалитетот и осовременување на наставните содржини.
Преку Педагошката служба веќе е објавен конкурс за изработка на новите учебници кои треба да бидат подготвени и достапни за почетокот на учебната 2027/2028 година.
Во меѓувреме, Министерството спроведува постапки за обновување на наставните материјали и во повисоките одделенија, како и во средното образование. По донесувањето на новите наставни програми, обезбедени се нови учебници за седмо и осмо одделение, како и за прва и втора година во гимназиското образование.
За административно завршување на постапките, донесени се решенија за повлекување на вкупно 108 учебници што претходно биле во употреба – 17 за седмо одделение, 18 за осмо одделение, 35 за прва година и 38 за втора година во гимназиското образование.
„Повлекувањето на овие учебници е со цел административно докомплетирање на спроведените постапки. Сега веќе се обезбедени и се употребуваат нови учебници“, наведуваат од Министерството за образование и наука.
Покрај ова, активни се и конкурсите за учебници за деветто одделение во основното образование и за трета година во средното гимназиско образование, кои исто така треба да бидат достапни од учебната 2027/2028 година.
Во текот на следната година се планира започнување на постапките за обновување на учебниците за трето и шесто одделение, како и за четврта година во гимназиското образование. Според најавите од МОН, реформата на учебниците во основното и средното гимназиско образование треба целосно да биде заокружена во рамките на еден четиригодишен мандат.

