ВМРО-ДПМНЕ прогласи убедлива победа во Брвеница, каде што нивниот кандидат Стојанчо Радичевски освоил 2.945 гласа, со предност од околу 800 гласа во однос на кандидатот на ДУИ. Во однос на СДСМ, разликата, според партијата, е поголема од четири спрема еден.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека резултатот во Брвеница претставува уште еден изборен неуспех за СДСМ и лидерот на партијата, Венко Филипче. Посочуваат дека СДСМ завршил на четвртото место, со значително помала поддршка од нивниот кандидат.
Од партијата иронично му го честитаат на СДСМ освоеното четврто место, додавајќи дека не очекуваат оставка од Филипче, бидејќи сметаат дека неговото лидерство и политиките што ги поврзуваат со Зоран Заев придонесуваат за ваквите изборни резултати.
ВМРО-ДПМНЕ најавува дека продолжува со работа и проекти во Брвеница, со цел, како што велат, да обезбеди подобри услови за живот, нови можности и развој за сите жители, без разлика на нивната етничка припадност.
Од партијата додаваат дека нивната цел е Брвеница да биде општина за сите граѓани, со конкретни проекти и видливи резултати, а како следен политички предизвик ја посочуваат победата на 1 ноември.

