Министерот за здравство Сашо Клековски синоќа се сретнал со повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, информираше самиот преку објава на својот Фејсбук-профил.
На средбата се разговарало за нивната здравствена состојба, потребите и понатамошната грижа што им е неопходна.
„Државата е тука – на долги стази“, порача Клековски, нагласувајќи дека на повредените им ги претставил можностите за поддршка и следните чекори во нивниот третман.
На средбата присуствувале и д-р Катарина Мирчовска и д-р Гордана Георгиева, членки на работната група при Министерството за здравство, чија задача е да ги проценува потребите на секој пациент, да дава совети, да ја организира и да ја следи терапијата и лекувањето.
Според Клековски, оваа работа е основа за обезбедување долгорочна грижа приспособена на индивидуалните потреби на секој од повредените.
На средбата присуствувал и градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов.

