Зоолошката градина во Скопје се модернизира преку реновирање на постојните и изградба на нови живеалишта, како и подобрување на условите за животните, информираше преку соопштение градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Со силна посветеност и конкретни дела ја модернизираме скопската Зоолошка градина, место во кое растеле генерации, се создавале најубавите детски спомени и се раѓала љубовта кон животните и природата. Токму затоа, нејзината обнова за нас е голема одговорност. Скопје заслужува Зоолошка градина со која ќе се гордее, а животните заслужуваат квалитетни услови, стручна грижа и достоинствен третман“, порачува Ѓорѓиевски.
Во изминатиот период на терен се заменети крововите, поставени се нови огради кај лавовите и дополнителни заштитни огради. Дополнително, изграден е моторички парк за најмладите, а во тек е и обнова на платото пред самата Зоолошка градина.
„Нашите заложби се насочени и кон збогатување на животинскиот свет со нови видови, со соодветни живеалишта и услови приспособени на нивните потреби. Секој чекор мора да биде воден од грижата за животните и од одговорноста што ја имаме кон нив. Како што ветивме, работиме ЗОО Скопје да прерасне во водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. Создаваме подобри услови за животните, посетителите и вработените, со нови содржини кои ќе ја направат секоја посета побогата, поубава и поучна“, истакнува градоначалникот.
Ѓорѓиевски упати благодарност до тимот, вработените и раководството на Зоолошката градина за нивниот труд и посветеност, посочувајќи дека нивната грижа е основата врз која се гради новата обнова.
„Овој месец ЗОО Скопје одбележува еден век постоење. Овој голем јубилеј го пречекуваме со работа и со цврста решителност обновата да продолжи. Заедно, ја градиме иднината на ЗОО Скопје, со цел да биде една од најдобрите зоолошки градини на овие простори! За нашето Скопје и за генерациите што доаѓаат!“, се наведува во соопштението.

