Украинскиот државјанин В.В. (27) синоќа бил приведен во Белград откако нападнал дете на улицата „Кнез Михајлова“, а потоа физички нападнал и полициски службеник, јавуваат српските медиуми.
Инцидентот се случил кратко по 20 часот, кога еден од минувачите ја повикал полицијата и го задржал 27-годишниот маж до пристигнувањето на полициските екипи.
При пристигнувањето на полицијата на местото на настанот, детето веќе не било присутно бидејќи родителите го однеле, по што полицајците тргнале да го спроведат В.В. во полициска станица.
За време на интервенцијата, В.В. нападнал еден од полицајците, удирајќи го двапати во пределот на главата. Потоа тој бил совладан и однесен во станицата, каде што одбил да биде тестиран со алкотест, по што со возило на брза помош бил пренесен во Военомедицинската академија.
Повредениот полицаец бил прегледан од лекар, а потоа пренесен во Ургентниот центар, каде што неврохирург му констатирал полесни телесни повреди во форма на контузија на главата.
Против В.В. е поднесена кривична пријава за „Спречување на службено лице во вршење на службена должност“, за кое е предвидена казна затвор од една до пет години.
Пријавата е поднесена во редовна постапка со оглед на тоа што тој има регистрирано живеалиште во Србија, а случајот го води Првото основно јавно обвинителство во Белград.

