Прометот во индустријата во август 2026 година е зголемен за 8,8 проценти во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Според главните индустриски групи, најголем раст е забележан кај капиталните производи, со 17,1 процент, додека кај нетрајните производи за широка потрошувачка зголемувањето изнесува 6,9 проценти. Кај интермедијарните производи, без енергијата, е регистриран раст од 1,4 проценти.
Наспроти тоа, прометот кај трајните производи за широка потрошувачка бележи пад од 4,2 проценти.
Во споредба со јули 2026 година, прометот во индустријата во август е намален за 16,3 проценти. Сепак, во првите осум месеци од годинава, во однос на истиот период лани, е забележан вкупен раст од 3 проценти.
На домашниот пазар, прометот во август е зголемен за 4,4 проценти на годишно ниво, додека за периодот јануари – август растот изнесува 3,9 проценти.
Поголем раст е забележан на странските пазари, каде што прометот во август е зголемен за 11,2 проценти во споредба со август 2025 година. На кумулативно ниво, во првите осум месеци од 2026 година, растот изнесува 3,1 процент.
Најголем придонес во зголемувањето на вкупниот индустриски промет во август имале производството на прехранбени производи, со раст од 2,7 проценти, производството на моторни возила, приколки и полуприколки, со 17,4 проценти, како и производството на машини и уреди, неспоменати на друго место, со раст од 17,3 проценти.

