Речиси 25.000 граѓани досега се пријавиле за бесплатна вакцинација против сезонски грип преку веб- страницата vakcinacija.mk, покажуваат најновите податоци од системот „Мој термин“. Според најавите, имунизацијата се очекува да започне во периодот од 16 до 25 октомври.
Од Министерството за здравство информираат дека првата пратка од 30.000 дози вакцини GCFLU Multi inj., произведени од јужнокорејската компанија GC Biopharma Corporation, веќе е обезбедена.
„Станува збор за тривалентната вакцина GC Biopharma – Influenza Vaccines за 2026 година, која е одобрена од Светската здравствена организација и ги исполнува строгите критериуми за квалитет, односно задолжително е обезбеден сертификат за квалитет, издаден од производителот и сертификат од референтна лабораторија за контрола на квалитетот од ОМЦЛ-мрежата (Official Medicines Control Laboratories)“, наведуваат од Министерството.
Првите вакцини се обезбедени преку заем во рамките на меѓународна соработка со УНИЦЕФ/Албанија.
Покрај оваа пратка, дополнителни 26.000 дози од францускиот производител „Санофи“ треба да пристигнат до 15 ноември, додека преговорите за преостанатите 24.000 дози се сè уште во тек.
„Приоритетните групи за вакцинација ќе ги утврди комисијата за имунизација“, потенцираат од Министерството за здравство.

