Во Собранието денеска ќе се одржи панел-дискусија на тема „Правото на независно живеење, од бел стап до пристапна средина“, по повод Меѓународниот ден на белиот стап.
Настанот го организира Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост, во соработка со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија и Зета – Организација за попреченост и правда.
На почетокот на дискусијата ќе се обратат претседавачот на ИППГ за правата на лицата со попреченост, Никола Мицевски, директорката на училиштето „Димитар Влахов“, Александра Јаковчевска, и претседателката на Здружението на слепи и лица со оштетен вид Скопје, Валентина Ѓурчиновска.
На панелот ќе учествуваат и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, владината портпаролка Марија Митева и пратеничката Емилија Ангелова, членка на Интерпартиската парламентарна група.
Предвидени се и обраќања на Беира Салифоска од училиштето „Димитар Влахов“ и Кети Петреска од Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија.
Дискусијата ќе биде посветена на правото на независно живеење, пристапноста на јавната средина и предизвиците со кои се соочуваат лицата со оштетен вид во секојдневниот живот.

