Во Кочани денеска ќе се одржи информативна сесија за новиот повик на Европската Унија, наменет за поддршка на младите, економското зајакнување и претприемништвото во Кочанскиот регион.
На настанот локалните граѓански организации ќе се запознаат со условите за аплицирање, приоритетите на повикот и начинот на подготовка на проектните предлози. Можност за учество имаат организации што дејствуваат во општините Кочани, Чешиново-Облешево, Зрновци и Виница.
Преку повикот ќе се поддржуваат проекти за развој на дигиталните вештини, писменоста за вештачка интелигенција, економското зајакнување на младите, како и младинското и социјалното претприемништво.
За секој одобрен проект се предвидени од 10.000 до 15.000 евра директна финансиска поддршка, со рок за реализација од 10 месеци. Трошоците за спроведување на проектите ќе бидат целосно покриени, без обврска за кофинансирање.
Во рамки на информативната сесија ќе бидат презентирани насоките за апликантите, формуларот за пријавување и образецот за буџет, а учесниците ќе можат да постават прашања и да добијат дополнителни информации за процесот на аплицирање.
Крајниот рок за поднесување на апликациите е 16 ноември 2026 година, до 17 часот. Повеќе информации за условите и потребната документација се достапни на веб-страницата www.eu4cr.mk.
Повикот се реализира преку проектот „ЕУ Механизам за граѓанска отпорност – Фаза II: Поддршка за граѓански и грасрут организации“, финансиран од Европската Унија преку ИПА III Програмата за поддршка на граѓанското општество и медиумите 2024–2025.

