Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Комуналната инспекција на Град Скопје и Државниот пазарен инспекторат, денеска спроведе вонредна инспекциска контрола на зелениот пазар во скопската населба Ченто, при што се запленети околу два тони небезбедна храна од различен вид.
Контролата беше насочена кон проверка на условите под кои се продава храната, како и почитувањето на законските прописи за нејзино безбедно складирање и промет.
При инспекцискиот надзор било утврдено дека храната се продавала надвор од местата предвидени за таа намена во рамки на пазарот, во нехигиенски услови, со што се зголемува ризикот за нејзината безбедност и за здравјето на потрошувачите. Запленетата храна е веднаш отстранета од промет, а надлежните инспекциски служби ќе продолжат со преземање соодветни законски мерки.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство најавуваат дека ќе продолжат со спроведување засилени инспекциски контроли, самостојно и во координација со другите надлежни институции, со цел заштита на здравјето на граѓаните и обезбедување безбедна храна на пазарот.
Од АХВ исто така апелираат до сите оператори со храна да ги почитуваат законските обврски и да обезбедат соодветни хигиенски услови при ракувањето, чувањето и продажбата на храната, подвлекувајќи дека безбедноста на храната и заштитата на здравјето на потрошувачите остануваат нивен главен приоритет.

