Општината Берово во изминатата година реализирала и започнала повеќе проекти во инфраструктурата, образованието, социјалната заштита и туризмот. Ова го наведува ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение, во кое се сумира работата на локалната власт една година по изборните промени.
Меѓу проектите што ги посочува партијата е изградбата на мултифункционална сала во Домот на културата „Димитар Беровски“, како и повеќе инфраструктурни зафати во Берово и околните населени места.
Реконструирани се тротоари на улицата „Задарска“, изградена е пристапна улица како крак на „Мирче Ацев“, а на улицата „Маршал Тито“ е изграден потпорен ѕид. Во Ратево е асфалтирана улицата „Гоце Делчев“, изградени се канал за атмосферски води и два потпорни ѕида, а се работело и на фекалната канализација во Ромското Маало.
Според ВМРО-ДПМНЕ, во тек се и активности за реконструкција на улици, проширување на водоводната мрежа во Ратево, подобрување на уличното осветлување и уредување на јавните површини.
Партијата посочува дека дел од активностите се насочени кон подобрување на условите за децата и младите. Нови детски игралишта добиле Двориште и Будинарци, додека во училиштето во Митрашинци била поставена гумирана подлога на игралиштето. Предвидена е и поддршка за бесплатно предучилишно образование на деца Роми од социјално ранливи семејства.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека општината издвојува средства за ученици, првенци на генерацијата, првачиња, средношколци, студенти, новороденчиња и лица со попреченост. Во програмите за поддршка се вклучени и субвенции за полагање возачки испит од Б-категорија, како и за набавка на клима-уреди, со приоритет за повозрасните лица што живеат сами.
Во образованието, како што се наведува во соопштението, се преземаат активности за подобрување на условите за работа и учење, меѓу кои и подмирување на дел од натрупаните обврски на СОУ „Ацо Русковски“. Се реализираат и проекти преку програмата „Еразмус+“, како и активности за подобрување на училишната средина во ООУ „Дедо Иљо Малешевски“.
Во соопштението се споменуваат и вложувањата во спортот и локалните спортски клубови, како и подобрувањето на опременоста на Територијалната противпожарна единица во Берово. Единицата добила специјално противпожарно возило донирано од Доброволното противпожарно друштво Битње од Словенија.
Во делот на културата и туризмот, ВМРО-ДПМНЕ ги издвојува „Етно плоштад фестивалот“ и саемот на традиционални производи „Малешевијата на дланка“, преку кои се промовираат локалните производители, традицијата и туристичкиот потенцијал на регионот.
Од партијата порачуваат дека локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со реализација на проекти насочени кон подобрување на условите за живот во Берово и создавање можности младите да останат и да ја градат својата иднина во родниот крај.

