Бугарскиот историчар и демограф Спас Ташев, раководител на одделот за демографија при Институтот за истражување на населението и човекот при Бугарската академија на науките (БАН) и поранешен директор на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, се огласи за случајот со Ива Михајлова.
-Прогонувањето на бугарскиот идентитет во Македонија има документирана историја. МПО, која некогаш го претставувала македонското ослободително движење, повеќепати го покренувала ова прашање пред ООН и други меѓународни институции, користејќи ги термините „културно-национален геноцид“ и „етноцид“.
Оваа активност на историската МПО ја загрижувала Титова Југославија, па во озлогласената безбедносна служба УДБА постоела посебна линија ВМ – ванчомихајловизам. Бил формиран и оддел за борба против непријателската емиграција. Биле прогонувани и граѓаните кои ги споделувале овие идеи. Оваа практика продолжила и по 1991 година, во службата во Скопје преименувана во Служба за државна безбедност (СДБ), денес Агенција за национална безбедност (АНБ).
Овие историски и современи факти треба да им бидат познати на актуелните политичари и државници.
Истовремено, од 60-тите години репресивната тактика се менувала, така што на сите истакнати Бугари им се фабрикувале кривични обвиненија или им се припишувала поврзаност со криминални дела. Моите долгогодишни набљудувања покажуваат дека оваа практика продолжува и денес.
Токму затоа, секој конкретен случај мора да биде независно проверен.
Случајот на Ива Михајлова исто така бара таква проверка. Таа повеќепати тврди дека е прогонувана поради своето бугарско потекло, а нејзините барања да патува во Бугарија за лекување биле одбивани.
Бугарскиот став треба да произлегува од потребата да се гарантира лекување, заштита во случај на утврден ризик и правично судење.
Околностите околу преминувањето на границата треба да бидат разјаснети, но дури и ако постои евентуален прекршок, мора да се земат предвид нејзината здравствена состојба, медицинските наоди за потребното лекување и отсуството на реална законска можност тоа лекување да го добие навреме.
Бугарија треба да инсистира на независно утврдување и на причините за несреќата, и на тврдењата за дискриминаторски однос кон нејзината државјанка.
Мојот личен став е категоричен: човек кој бара спас од прогон и пристап до неопходно лекување заслужува заштита! Историските обвинувања на МПО за геноцид врз Бугарите во Македонија ја прават независната проверка на денешните тврдења за прогон уште понеопходна, стои во објавата на Фејсбук.
Инаку, Спас Ташев е бугарски историчар и истражувач, познат по своите ставови за македонското прашање, бугарската историја и правата на лицата што се самоопределуваат како Бугари во Северна Македонија.

