Собранието денеска ќе ја одржи 126. пленарна седница, на чиј дневен ред се предвидени осум точки, а во рамки на собраниските активности ќе се одржат и пратенички прашања упатени до премиерот и членовите на Владата од страна на опозицијата.
Прашањата ќе траат два часа, согласно собраниската практика според која опозициските пратеници добиваат можност да ги прашуваат претставниците на извршната власт на секоја втора пленарна седница, по усвојувањето на дневниот ред.
Меѓу точките за разгледување се ратификацијата на Третиот протокол кон Општиот договор за привилегии и имунитети на Советот на Европа, изборот на надворешен член на Комисијата за хартии од вредност, како и законското решение за финансиска поддршка на земјоделскиот и сточарскиот сектор во 2026 година, со цел ублажување на последиците од економската криза.
Пратениците ќе расправаат и за барањето за автентично толкување на член 141, став 4 од Законот за работни односи, поднесено од пратеничката Даниела Николова, како и за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина.
На дневниот ред се и предлог-одлуката за именување претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“, дополнетиот предлог-закон за државната ревизија, кој ќе се разгледува во трето читање, како и измените на одлуката за продолжување на рокот за постоење кризна состојба поради можни нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјава.
Седницата опфаќа законски и кадровски прашања, меѓународни обврски, како и мерки поврзани со земјоделството и енергетската стабилност.

