Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека Ива Михајлова нелегално ја напуштила државата. Како таа заминала од Македонија, како што кажа, треба да одговори истрагата која што е во тек. Според Тошковски, Михајлова во земјава последен пат била видена на 10 октомври вечерта.
– Согласно информациите кои ги имам меѓународна потерница ќе биде распишана денес, јавното обвинителство побара определување мерка притвор. Доколку судот донесе таква одлука веднаш Министерството ќе ја процесуира преку каналите што ги имаме за меѓународна соработка и се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови слободи и права, се она што значи нормална европска држава каква што Бугарија тврди дека е и суштински и е дел од семејството на ЕУ – рече Тошковски во интервју за Тема на денот на ТВ Сител.
Тоа Бугарија, вели тој, треба да го покаже со дела а не само со декларативни изјави.
– Одредени вредности и правила овде кај нас и во Бугарија, која е земја – членка на ЕУ треба да бидат исти, истакна Тошковски. Како Михајлова излегла од Македонија ќе одговори истрагата, но „факт е дека тоа лице не е евидентирано во рамки на граничната контрола на Македонија и во исто време не е евидентирана од граничната контрола на Бугарија во текот на 2025 година“.
Министерот за внатрешни работи во интервјуто рече дека истрагата ќе даде детали како лицето „практично кажано избегало од Македонија“.
– Ќе даде истрагата одговори на тоа. Не би сакал сега да навлегувам во сите детали. Но, факт е дека лицето нелегално излегло од Македонија и нелегално влегло во Бугарија, особено дека нелегално излегло од Македонија – рече Тошковски.

