Цените на нафтата забележаа раст од над два проценти откако новите воени напади во Украина и на Блискиот Исток ги разгорија стравовите од нарушување на глобалното снабдување со енергенси.
Цената на суровата нафта „Брент“ ја надмина границата од 107 долари за барел, што претставува највисоко ниво во последните повеќе од две недели, додека американската нафта ВТИ се искачи над 93,80 долари за барел, бележејќи раст трета трговска сесија по ред според податоците на „Трејдинг економикс“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија ги обновила нападите врз енергетската инфраструктура на земјата, вклучително и врз објект за производство на гас. Според Зеленски, со овие напади е прекршено енергетското примирје што претходно го најави американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека Украина ќе продолжи со нападите врз руски цели.
Дополнителна загриженост предизвикува и ситуацијата на Блискиот Исток, каде Саудиска Арабија пријави нови напади со беспилотни летала и крстосувачки ракети по смртоносниот напад врз аеродромот во Ријад. Коалицијата предводена од Саудиска Арабија ги обвини јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, а пазарите дополнително се загрижени по нападите врз танкери во Ормускиот Теснец. Иако извозот од Персискиот Залив засега е стабилен, безбедносните ризици закануваат со сериозни ценовни притисоци.

