Пред судот во рамки на процесот против 13 полициски службеници за непостапување по акцискиот план, денеска сведочеше пожарникарот Благојчо Паунов од ТППЕ Кочани, кој бил дежурен за време на пожарот во дискотеката „Пулс“.
Тој пред судот изјави дека првото противпожарно возило пристигнало пет минути по дојавата во 2:35 часот, а просторот веќе бил полн со повредени и паднати лица. Според неговото сведочење, влезната врата била целосно блокирана.
„Влезната врата беше пренатрупана од заглавени лица до висина на мојата глава. Во тој момент излегуваше само малку чад од вратата, а немаше видлив пламен,“ појасни Паунов.
Тој објасни дека поради огромната тежина биле потребни најмалку двајца или тројца луѓе за да се извлече едно лице, поради што побарал помош од полицијата, обезбедувањето и цивилите. Командирот на ТППЕ Кочани, Драган Апостолов, исто така сведочеше дека противпожарното сандаче имало црево и млазница, но немало вентил за пуштање вода, како и дека единицата немала добиено барање за пиротехника.
На рочиштето се обрати и Александар Наунов, родител на едно од настраданите деца, кој побара ефикасна судска постапка и утврдување на одговорноста врз основа на доказите, потсетувајќи дека во трагедијата животите ги загубија 63 лица, а 218 беа повредени.

