Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски објави дека поднесува оставка од функцијата поради лични причини.
Денеска ја поднесов мојата оставка од функцијата заменик-министер за здравство, од лични причини. Од срце му благодарам на претседателот на Владата на Република Македонија за довербата, поддршката и можноста да бидам дел од Владата и да придонесувам во унапредувањето на здравствениот систем. Особена благодарност упатувам до потпретседателот на Владата, Љупчо Димовски, за искрената и коректна соработка, поддршката и професионалниот однос во текот на целиот период. Благодарност и до сите мои колеги, здравствени работници и соработници со кои заеднички работевме во интерес на граѓаните и на македонското здравство – објави Андовски на својот фејсбук профил.
Тој посочува дека за него било чест, но и голема одговорност да ја извршува оваа функција.
Заминувањето од функцијата не ја менува мојата благодарност кон сите со кои работев, ниту мојата почит кон институцијата и луѓето кои секојдневно се грижат за здравјето на граѓаните. На Владата ѝ посакувам успех во понатамошната работа и многу успеси во градењето на подобар и поквалитетен здравствен систем – наведува Андовски.

