Влезници ќе се наплаќаат за посета на Скопското Кале, откако локалитетот ќе биде целосно уреден и ставен во функција. Ова денеска го најави премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека целта на Владата е Калето да го добие изгледот и функционалноста што ги заслужува.
Очекува дека со поддршка од институциите Калето ќе прерасне во една од значајните туристички атракции во главниот град.
„Нормално е дека ќе се наплаќа. Не сега, туку кога ќе биде пуштено, кога ќе биде средено, како што е секаде во светот“, одговори Мицкоски на прашањето дали се планира наплата на влезници.
Премиерот најави дека активностите за уредување треба да започнат оваа година, а доколку сè се одвива според планот, Калето би требало да го добие посакуваниот лик следната година.
Оцени дека досегашното уредување, вклучително и хортикултурното средување, не е доволно и дека локалитетот има многу поголем туристички потенцијал.
Мицкоски истакна дека Владата ќе им обезбеди финансиска и логистичка поддршка на надлежните институции за Скопското Кале да стане позначајна туристичка дестинација и да биде дел од програмата на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

