Министерот за правда Јетон Шасивари и неговиот албански колега Тони Гогу остварија билатерална средба во Истанбул, каде што учествуваат на Меѓународниот самит за правда.
Двете држави, како две соседни земји со заедничка европска перспектива, имаат бројни можности за меѓусебна поддршка во процесите на реформирање и модернизација на правосудните системи.
Во разговорот беше нагласено значењето на директната институционална комуникација, споделувањето на искуства и добри практики, како и потребата реформските процеси да резултираат со поефикасна и подостапна правда за граѓаните.
Посебно внимание беше посветено на европската агенда на двете земји и можностите за меѓусебна поддршка во исполнувањето на стандардите во областа на владеењето на правото.
Средбата ја потврди подготвеноста за натамошно развивање на соработката меѓу двете министерства, со акцент на конкретни иницијативи и заеднички институционални интереси.

