ЕСМ Снабдување со топлина упати последен апел до сите потрошувачи приклучени на системот за централно греење во Скопје навремено да ги завршат подготовките за претстојната грејна сезона 2026/2027 година.
Од компанијата потсетуваат дека редовното одржување на внатрешните грејни инсталации е обврска на потрошувачите, кои се повикуваат сите интервенции да ги пријават во Центарот за грижа на потрошувачи веднаш по нивното завршување. За правилно функционирање на системот неопходно е да се обезбеди пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување.
Официјалниот почеток на грејната сезона е предвиден за 15 октомври, но согласно регулативата таа може да започне и во периодот од 1 до 15 октомври доколку прогнозата за средната надворешна температура за наредниот ден изнесува 12 степени или пониско, врз основа на податоците од УХМР. До 15 октомври на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавуваат информации за исполнетоста на условите за испорака на топлинска енергија.
Потрошувачите можат да се обратат за информации и пријавување дефекти во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, како и во службите на ЕСМ Енергетика на 02 3104 816 и 02 3104 872.

