Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, им честиташе на борачите на Боречкиот клуб ШКУПИ за успехот постигнат на Балканското првенство одржано во Копривница, Хрватска, каде што спортистите освоија три медали – еден златен, еден сребрен и еден бронзен.
Харун Мемеди стана балкански шампион во категоријата до 38 килограми, освојувајќи го златниот медал и искачувајќи се на највисокото место на победничкиот подиум. Успехот на екипата го надополнија Абдул Азиз Азизи, кој освои сребрен медал во категоријата до 62 килограми, и Мираџ Мустафа, кој се закити со бронзен медал во категоријата У17, до 55 килограми.
„Од Хрватска во Чаир носиме три медали и три големи причини за гордост. Харун Мемеди, Абдул Азиз Азизи и Мираџ Мустафа докажаа дека трудот, дисциплината и посветеноста се патот до успехот. Овие млади спортисти, со своите резултати, им донесоа чест на клубот ШКУПИ, на Чаир и на репрезентацијата на Северна Македонија. Нивните успеси се доказ за исклучителниот потенцијал на нашите спортисти и мотивација за новите генерации да го следат патот на спортот. Честитки до нашите шампиони!“, изјави Меџити.
Градоначалникот Меџити го истакна и придонесот на тренерите Јасин Реџалари и Буњамин Ебипи, кои ја предводеа и подготвуваа екипата за ова натпреварување, нагласувајќи го значењето на стручната работа и посветеноста во развојот на младите спортски таленти.
Трите освоени медали на Балканското првенство претставуваат уште еден значаен успех за Боречкиот клуб ШКУПИ и за спортот во Чаир.

