ДУИ реагира на вчерашната одлука на Уставниот суд, оценувајќи дека со неа се отвора прашањето за начинот на примена и заштита на албанскиот јазик во правниот поредок.
Од партијата сметаат дека при разгледувањето на прашањето за објавувањето на правилникот само на македонски јазик, Уставниот суд требало да ги земе предвид и уставните и законските одредби што се однесуваат на објавувањето на актите.
„Уставноста не се однесува само на содржината на еден акт. Таа опфаќа и постапка, форма и почитување на уставните правила за начинот на кој е донесен и стапува во сила“, наведуваат од ДУИ.
Од партијата посочуваат дека Уставниот суд во својата досегашна практика разгледувал прашања поврзани со постапката и објавувањето на актите, поради што сметаат дека вчерашната одлука отвора дополнителни правни дилеми.
ДУИ оценува дека прашањето не се однесува само на конкретниот правилник, туку и на поширокото прашање за статусот на албанскиот јазик, правниот поредок и правната сигурност.
„Албанскиот јазик не е уставен украс. Тој е дел од уставниот поредок“, наведуваат од партијата.
Од ДУИ додаваат дека прашањето не треба да се релативизира и дека е потребно да се обезбеди еднаква примена на уставните и законските правила за сите граѓани.
„Не станува збор само за еден правилник. Станува збор за тоа дали Уставот, законите и правната сигурност важат еднакво за сите“, стои во реакцијата на ДУИ.

