Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервјуто во емисијаа „Импакт“ на телевизија Шења, најави дека дел од Мастер планот на СДСМ ќе биде моделот да граѓаните бидат акционери во државата Лотаријата, наместо да гледаат како се трошат милиони за концерти.
Филипче посочи дека ваквиот модел би значел граѓаните директно да имаат удел во државна компанија, наместо да бидат само набљудувачи на начинот на кој се располага со државните пари.
„Во Мастер планот е и тоа да некоја од големите државни компании, по примерот на државна Лотарија, која што е во чиста државна сопственост, тие државни акции ќе одат во рацете на граѓаните, односно на семејствата.“ рече Филипче.
Тој нагласи дека на овој начин ќе се исправи еден дел од последиците од приватизацијата од 90-тите години, преку директно учество на граѓаните во државниот капитал.
„На тој начин, мислам дека сериозно, прво ќе се намали една болка, една лузна од неправедната приватизација во 90-те години, и второ, граѓаните ќе добијат акции од државна компанија која што добро работи, која што за жал сега гледаме како се пљачка за концерти со 5 милиони евра на нетранспарентен и несоодветен начин. Нека бидат граѓаните акционери, да си имаат акции од државна компанија кои што ќе може да им ги остават на своите деца и внуци“, рече Филипче.
Филипче ја претстави оваа мерка како дел од поширокиот Мастер план на СДСМ, во кој, покрај европската интеграција, предвидени се и антикорупциски мерки, ветинг на функционерите и прогресивен данок.
„Еден од нашите постулати на нашиот мастер план за државата, освен под број еден Европа, под број два е специјален антикорупциски закон, во кој што ќе има и конфискација на имот, понатаму под број три ветинг на сите функционери, не само сегашни, од нас ќе почнеме, од мене прв, исто така и воведување на прогресивниот данок“,рече Филипче.

