Европската комисија предлага отворањето на преговарачките кластери и другите меѓучекори во пристапниот процес да не зависат од едногласна согласност на сите земји членки, туку да се одобруваат со квалификувано мнозинство.
Ако предлогот биде прифатен, една земја членка повеќе не би можела сама да го блокира напредокот на кандидатите во текот на преговорите. Ветото би останало можно на самиот крај, бидејќи за конечниот прием во Европската Унија и натаму ќе биде потребна согласност од сите членки.
За Македонија ваквата промена би можела да значи помал простор за билатерални блокади откако земјата ќе ги отвори преговарачките кластери.
Но предложената реформа не ја менува сегашната обврска за уставни измени. Следната меѓувладина конференција и отворањето на првиот кластер и натаму се врзани со внесувањето на Бугарите во Уставот, согласно заклучоците на Советот на ЕУ од 2022 година.
Пакетот „Подготовка за поширока Унија“ го претстави еврокомесарката за проширување Марта Кос, а покрај промените во одлучувањето предвидува и постепено вклучување на земјите кандидати во дел од европските политики уште пред формалното членство.
Кандидатите би можеле постепено да добиваат пристап до придобивки во области како енергетика, транспорт, дигитален сектор и одбрана, доколку ги исполнуваат потребните услови.
Комисијата предлага и посилни механизми за заштита на Унијата по приемот на нови членки, како и можност новите членки определен период да не можат да го блокираат идното проширување поради билатерални спорови.
Во пакетот се наведуваат индикативни патокази за Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина. Македонија засега не е меѓу земјите за кои е наведен конкретен рок или патоказ.

