На територијата на Општина Гази Баба започна акција за обележување и освежување на пешачките премини, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, соопшти градоначалникот Бобан Стефковски.
Според него, целта е да се создадат побезбедни услови за пешаците – особено за децата на пат кон училиште и за повозрасните граѓани.
„Започнавме со обележување и освежување на пешачките премини на територијата на Општина Гази Баба, затоа што безбедноста на граѓаните е наш приоритет. Со секој јасно и видливо обележан премин создаваме побезбедни услови за пешаците – за децата на пат кон училиште, за повозрасните и за секој наш сограѓанин“, изјави Стефковски.
Тој упати и благодарност до екипите на ЈКП „Гази Баба 2007“ за нивниот придонес кон поуредни и побезбедни улици, додавајќи апел до сите граѓани:
„Апелирам до возачите: намалете ја брзината, бидете внимателни и дајте им предност на пешаците. До пешаците: користете ги обележаните премини и преминувајте внимателно. Безбедноста е заедничка одговорност!“

