Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествува на Вториот министерски самит на Србија, Северна Македонија, Грција и Бугарија што се одржува во Белград, во организација на српската влада.
Главни теми на самитот се сигурноста на снабдувањето, развојот на Вертикалниот гасен коридор, пристапот до ЛНГ капацитетите преку Александруполи, диверзификацијата на изворите и правците на снабдување, како и унапредувањето на регионалната соработка во електроенергетиката. Оваа средба го продолжува дијалогот за заеднички регионален пристап започнат на првата министерска средба во Атина во мај.
Во рамките на македонската делегација во Белград се и заменик-генералниот директор на МЕПСО, Александар Пауноски, како и претставници на НОМАГАС. За време на посетата, министерката Божиновска оствари и билатерална средба со бугарскиот министер за енергетика, на која се разговарало за понатамошно унапредување и проширување на веќе воспоставената соработка.

