Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување едногласно ги усвои измените на Правилникот со кој се уредуваат критериумите за утврдување на привремена спреченост за работа.
Од Фондот нагласуваат дека со измените не се скратува правото на боледување, ниту се ограничува неговото времетраење кога за тоа постои медицинска потреба. Матичниот лекар и натаму ќе може да утврдува боледување до 15 дена, а за период подолг од 15 дена ќе одлучува лекарската комисија на ФЗО.
Промената од седум на пет дена, како што појаснуваат од Фондот, не значи дека боледувањето автоматски завршува на петтиот ден. Станува збор за период по кој, ако здравствената состојба бара продолжување, ќе се применуваат медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза.
На пример, ако пациентот добие боледување поради одредено заболување, матичниот лекар може да го отвори боледувањето. Ако по петтиот ден пациентот сè уште не е способен за работа, лекарот ќе треба да оцени дали се исполнети критериумите предвидени за таа дијагноза за боледувањето да продолжи.
Тоа не значи дека шестиот ден пациентот мора да се врати на работа. Ако има медицинска потреба, боледувањето продолжува.
Со измените се воведуваат и повеќе олеснувања за пациентите и матичните лекари. За дел од дијагнозите повеќе нема да биде потребно упатување на лабораториски испитувања, туку проценката ќе може да ја направи матичниот лекар, а кај дел од заболувањата се проширува и временската рамка предвидена со критериумите.
По 15-тиот ден, предлогот за продолжување на боледувањето матичниот лекар ќе го доставува електронски, наместо преку досегашната рачна постапка.
Се прошируваат и случаите во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот, особено кај тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, како и кај пациенти на болничко лекување.
Кај хроничните заболувања ќе може да се користат постојните дијагностички наоди доколку се сè уште важечки, без непотребно повторување на истите испитувања.
Со измените се прецизираат и условите за ретроактивно утврдување боледување во оправдани случаи, а се предвидуваат и олеснувања за бремени жени и доилки кај радиодијагностички испитувања со јонизирачко зрачење.
Од ФЗО велат дека новите решенија се резултат на повеќемесечна стручна работа и анализа и дека целта е да се усогласат критериумите со современата медицина, но и да се намалат непотребните административни постапки за пациентите и лекарите.

