Жерновски: Мицкоски ја поткопува средбата со Бугарија и ја враќа Македонија назад
СДСМ обвинува дека премиерот Христијан Мицкоски со својата реторика однапред ја поткопува најавената средба со Бугарија и создава атмосфера во која разговорите би можеле да пропаднат уште пред да почнат.
Андреј Жерновски денеска изјави дека пораките на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен при посетата на Скопје покажале дека македонскиот јазик, идентитет и култура не се загрозени, како што, според него, со години тврдел Мицкоски.
„Урсула Фон дер Лајен потврди, многу отворено, дека се зачувани, забетонирани, обезбедени и македонскиот јазик, и македонската култура, и македонскиот идентитет
„На маса се реформите, соработката со Европското обвинителство и промените на Уставот. Нема нови услови, нема нова преговарачка рамка и нема нови гаранции“, рече Жерновски.
Според него, власта сега намерно го враќа фокусот кон историјата и односите со Бугарија за да создаде ново оправдување за тоа што Македонија не напредува кон Европската Унија.
„Тоа е исто како да возите автомобил, а цело време да гледате во ретровизор. Никој не стигнал до дестинацијата ако цело време гледал назад“, рече Жерновски.
Тој оцени дека е нелогично Владата да повикува на разговор со Бугарија, а истовремено однапред да создава услови тие разговори да не успеат.
Од СДСМ велат дека Македонија во моментов ја нема во европските патокази и рокови што се подготвуваат за земјите кои се сметаат за најсериозни кандидати за членство.
Жерновски додаде дека со историјата треба да се занимаваат историчарите, а не политичарите, и најави дека СДСМ ќе продолжи да ја критикува, како што ја нарече, стратегијата на Владата за разгорување на темата Бугарија и оддалечување на земјата од Европската Унија.

