Вакцините против сезонски грип сè уште не се обезбедени, но од Министерството за здравство велат дека работат на нивна набавка за вакцинацијата на ризичните категории да започне што е можно побрзо.
Причината за доцнењето, според Министерството, е глобален проблем со производството. Оваа година биле променети сите три соеви на вирусот што се користат во вакцината, поради што производителите подоцна го започнале процесот на производство.
На тендерот за набавка во земјава не пристигнала ниту една понуда. Од Министерството велат дека се во комуникација со земјите од регионот и со меѓународни партнери и очекуваат вакцините да бидат обезбедени во текот на октомври.
Од Министерството потсетуваат дека вакцинацијата е најсигурна заштита од потешки форми на грип и компликации, особено кај постарите лица, хронично болните и бремените жени.
Граѓаните, како што наведуваат од Министерството, навремено ќе бидат информирани за сите нови информации поврзани со набавката и почетокот на вакцинацијата.

