Македонска делегација, предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, денеска учествува на вториот министерски самит за енергетика во Белград.
На состанокот учествуваат и делегации од Србија, Грција и Бугарија, а во фокусот е продлабочувањето на регионалната енергетска соработка и зајакнувањето на сигурноста на снабдувањето.
Министрите ќе разговараат за забрзување на инфраструктурните проекти, прекуграничниот транспорт на енергија, состојбата на преносните системи, размената на електрична енергија и развојот на обновливите извори и системите за складирање енергија.
Тема ќе биде и натамошното поврзување на регионалните пазари на електрична енергија, како и заедничкото справување со ризиците поврзани со енергетската стабилност.
Самитот е продолжение на првата министерска средба одржана во Атина во мај, на која четирите земји ја истакнаа потребата од заеднички регионален пристап кон енергетската сигурност и отпорноста на системите.
Во македонската делегација се и директорот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, заменик-генералниот директор на МЕПСО, Александар Пауноски, како и претставници на НОМАГАС.

