Ново значајно археолошко откритие е направено на архајската некропола Расница кај струшкото село Корошишта. Археолозите пронашле богато војничко погребување со штит, шлем, копја, меч и предмети изработени од злато, бронза и килибар.
Од Националниот археолошки музеј денеска ќе бидат презентирани најновите резултати од истражувањата на локалитетот, каде годинава е откриена целосна воена опрема во рамки на погребниот комплекс.
Според археолозите, новите наоди дополнително го потврдуваат карактерот на Расница како значајна архајска некропола и отвораат можност за подобро разбирање на погребните обичаи, воената организација и општествените односи во Охридско-струшкиот регион во VI век пред нашата ера.
Локалитетот привлече големо внимание во 2024 година, кога беа откриени монументална гробна целина и бројни вредни предмети. Меѓу нив имало бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, прстени и фолии, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и кантарос, како и повеќе бронзени садови.
Најновото војничко погребување, според музејот, додава нови сознанија за статусот, идентитетот и улогата на лицата погребувани на некрополата.
Истражувањата ги предводи д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во Националниот археолошки музеј. На денешната презентација ќе присуствуваат и директорката на музејот Магдалена Манаскова и директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева.

